ВЕСТИРЕГИОН

ГЕРБ на Борисов ќе се обиде да ја сруши владата на Петков со гласање недоверба

Бугарската опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов до тамошниот парламент денеска ќе поднесе барање за гласање недоверба на владата на Кирил Петков, најави вчера заменик-претседателот на ГЕРБ, Томислав Дончев.

Причината, како што рече тој, се неуспесите што се бележат во областите на јавните финансии и економската политика.

„Станува збор за коалиција во која односите се видно регулирани со закани, изнуди, притисоци, а поддршката колку што разбравме се обезбедува преку пазарење“, додаде Дончев.

На прес-конференцијата на ГЕРБ, на која присуствуваше и Дељан Добрев, поранешен министер за економија и енергетика во една од владите на Борисов, актуелната власт беше обвинета за лоши економски политики кои довеле до галопирачка инфлација како во 1997 година.

„Оваа инфлација денес не е поради војната. Ако кај нас инфлацијата е 15 отсто, во Европа е 8 отсто. Во земјите кои се многу попогодени од Бугарија, инфлацијата е двојно помала. Оваа влада мора да поднесе оставка, оваа влада ќе остане запаметена како неспособна“, рече Добрев.

Барањето ќе биде поднесено денеска и според претставниците на ГЕРБ, изгласувањето недоверба на владата би имало за цел и да го спаси бугарскиот политички систем од распаѓање.

Ваквиот чекор на опозицијата доаѓа откако еден од досегашните четири коалициски партнери во бугарската влада, Има таков народ на Слави Трифонов реши да ја напушти коалицијата. Трифонов кога ја објави одлуката наведе две клучни причини – едната е лошата економска политика односно немањето пари во државата, а втората, како што рече, е што премиерот Петков води двојна политика за прашањето за ветото за Северна Македонија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button