ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И годинава недостиг од опрема и механизација за гаснење шумски пожари

Како што растат температурите, се зголемува и ризикот од шумски пожари. Но, надлежните органи и понатаму се соочуваат со недостиг од основна опрема за справување со пожарите. Тоа се должи на фактот што не се инвестира доволно во механизација и друга опрема. Од ЈП „Национални шуми“ велат дека им се потребни и технички и човечки ресурси. Директорот Валентин Груевски додава дека наскоро ќе отворат тендер за дел од потребните алатки за интервенција.

Груевски вели дека очекува уште пет возила донација од швајцарска агенција. Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека на располагање имаат само еден противпожарен авион, но не наведуваат кога ќе биде готов вториот.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанчо Ангелов, вели дека годинава ќе располагаат со три хеликоптери приспособени за гаснење пожари, еден на МВР и два на Армијата. Додава дека државата треба да вложи многу повеќе за да се избегнат катастрофи со изгорување шуми.

Во текот на изминатата година земјава беше зафатена од бројни шумски пожари, особено во источните делови. За цела година опожарени се околу 6 илјади хектари шума, а државата е оштетена за околу 420 милиони денари.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button