ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Истражување: Две третини од девојките се соочуваат со сексуално вознемирување на социјалните мрежи

Многу млади девојки преку социјалните мрежи на интернет добиваат пораки што претставуваат сексуално вознемирување, а за тоа тие повеќе се доверуваат на семејството отколку на институциите. Ова го покажува истражувањето „Онлајн вознемирување на социјалните медиуми“ спроведено од Центарот за еднакви можности „Бубамара“ од Тетово, кои го пренесуваат и искуството на младите лица од женски пол во полошкиот регион.

Биле анкетирани 208 девојки на возраст од 18 до 25 години, кои одговориле на анкетата по електронски пат. Од Тетово се 150 девојки, 51 од Гостивар и останатите од другите места, при што 45,1 проценти се од рурални, а 54,8 проценти се од урбани средини.

Во заклучокот од истражувањето од „Бубамара“ велат дека жртвите на сексуално вознемирување главно се добро информирани дека овој феномен подразбира повреда на нивната слобода и мешање во нивниот живот и нивните избори. Според нив, овие дејства имаат последици што кај некои од жртвите се манифестираат во поголема мера.

– Од анкетираните девојки 65,8 проценти примиле пораки од момчиња или мажи кои содржеле разни форми на сексуално вознемирување, говор на омраза, закани и навреди, 32,2 проценти од нив не примиле такви содржини на социјалните мрежи, 1,9 процент се одлучиле да не одговорат. Анкетата имаше цел да открие колку овие возрасни девојки, кои сè уште се во раните дваесетти години, се жртви на сексуално вознемирување и, воедно, што подразбираат под сексуално вознемирување и дали се подготвени да го пријават тоа, велат од „Бубамара“.

Според истражувањето, семејството е најдоверливата и најсигурната адреса каде што анкетираните девојки ги пријавуваат ваквите вознемирувања во случаите кога се решаваат да пријават. Поголем дел од нив (29,3 проценти) претпочитаат да му се обратат на семејството кога се вознемирувани од такви вознемирувачки пораки или содржини. На второ место е полицијата (25 проценти). Голем број девојки одговориле дека не знаат каде да се обратат (21,6 процент). Мал број одбрале (или би одбрале) да им се обратат на новинарите (0,9 проценти) или на невладините организации (1,4 процент) за да пријават вознемирување.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button