ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Идентитетските прашања се темел на државата и никој не преговара за нив

Luka Andreev

Владите во Скопје и Софија се одлучни да изнајдат решение, вели мандатарот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во експозето пред пратениците. Тој уверува дека за идентитетските прашања нема да се разговара, туку акцентот во дијалогот ќе биде поставен на економијата, културата, инфраструктурата…

„Историјата е на историчарите, но идентитетските прашања се темел на народот и на државата. За Владата не постои никаква дилема – никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик.“

Пратениците на СДСМ повторија дека за идентитетот и јазикот нема да се зборува, но и дека очекуваат брзо решавање на спорот.

Од друга страна, опозицијата обвинува дека македонската јавност е излажана и се поизвесно е, како што велат, ново национално предавство. Според пратеникот Николоски, поради тоа што никој не сака да седне на маса со корумпирани политичари, дијалогот се одвива без медијација.

„Никој не сака да ја притисне Бугарија, затоа што, да не се лажеме, доколку има јасна волја во главните европски градови, доколку има јасно изразена волја во најмоќните европски држави дека Македонија треба и заслужува да почне преговори со ЕУ, проблемот со Бугарија ќе се реши за едно претпладне.“

Во меѓувреме, бугарскиот премиер Кирил Петков излезе од изолација и потврди дека ќе го посети Скопје, заедно со министите за надворешни работи Теодора Генчовска, за транспорт Николај С’бев и заменикот претседател на Собранието, Кристијан Вигенин. Петков очекува конструктивен разговор со Ковачевски, но од бугарската опозициска партија ГЕРБ истакнаа дека претседателот Румен Радев „му ги врзал рацете“ во пресрет на разговорот.

„Сите беа во карантин за да не може да се спроведе средбата во Северна Македонија, како што беше најавено од страна на премиерот. Тоа ќе беше едно солидно оправдување за бугарскиот претседател на Владата, откако Советот што го свика претседателот на државата ги потврди позициите што се во спротивност со позициите на премиерот.“

Брисел и Вашингтон ја оценија посетата како охрабрувачки сигнал во надминувањето на спорот и деблокада на македонските евроинтеграции.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button