СВЕТ

Лондон и Пентагон предупредуваат за можен напад врз аеродромот во Кабул

Британското Министерство за надворешни работи и војската ги предупредија своите граѓани да не се приближуваат до меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи” во Кабул. Таму илјадници луѓе се обидуваат да се качат на некои од летовите кои се обидуваат да ги евакуираат странците и нивните поранешни авганистански соработници до 31 август.

Тоа е крајниот рок за повлекување на американските војници. Насобраните луѓе би можеле да бидат цел на напад, но не на Талибанците, туку на Исламската држава. Владата во Лондон ги повикува Британците да се преместат на безбедно и да чекаат дополнителни упатства.

„Заканата за која не можам да дадам детали e опасна, кредибилна и многу убиствена“, изјави Џејмс Хепеј, Министер на британските вооружени сили.

Според американските воени или разузнавачки службеници, заканите се движат од ракетен напад врз транспортен авион за време на слетување или полетување, па сè до поставување на камион наполнет со експлозив или активирање на бомбаш-самоубиец инфилтриран во толпата пред аеродромот. Инаку, тензиите во Кабул растат со наближување на 31 август, односно следниов вторник, кога аеродромот, а со тоа и Авганистан, треба да го напуштат последните американски војници.

„Кога ќе си заминеме од аеродромот, тој повеќе нема да биде одговорност на Соединетите Држави. Талибанците коишто се сега во Кабул, ќе треба да го управуваат самите“, рече Џон Кирби, Портпарол на Пентагон.

Смртоносен напад врз американските и авганистанските цивили би бил катастрофа не само за Америка, туку и за Талибанците, кои се обидуваат да ја зацврстат контролата врз Кабул. Инаку, Талибанците и Исламска држава се непријатели кои меѓусебно се борат за контрола врз делови од земјата.

Иван Блажевски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button