ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Македонија доцни со признавањето на личните карти и дипломите од Западен Балкан

Македонија доцни со ратификацијата на договорите од Берлинскиот процес. Тие беа потпишани во ноември минатата година, а според информациите на Институтот за демократија Владата сѐ уште ги нема испратено во Собранието. Согласно договорите, шесте земји од Западен Балкан меѓусебно ќе ги признаат личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации. Премиерот Димитар Ковачевски прашан за одолговлекувањето на ратификацијата, денеска кажа дека не е запознаен со деталите, но отфрли можност за политичка заднина.

„Инаку она што е многу значајно за договорите од Берлинскиот процес е тоа што договорите кои се потпишани таму практично се депонирани во нашето Министерство за надворешни работи, така што не постои некаква политичка, туку сигурно е процедурална или техничка работа“, рече Ковачевски.

„Како депозитар на трите меѓународни договори потпишани во рамки на Берлинскиот процес, ја повикуваме Владата што побрзо да ги поднесе во Собранието, а Собранието да изнајде сили што поскоро да ги стави на дневен ред за ратификација, со консензус. Посветеноста за подобрување на животот на граѓаните треба да се покаже на дело, особено во процеси кои зависат од проактивноста и ажурноста на државните институции“, наведуваат од Институтот за демократија.

Од останатите земји од регионот, Албанија прва ги ратификуваше сите три договора, а потоа тоа го стори и Косово. Во Србија договорите се веќе во собраниска процедура, а наскоро ќе се најдат и пред пратениците во Црна Гора. Единствено застој има во Босна и Херцеговина поради комплицираната процедура.

Инаку, според последната телефонска анкета на Институтот за демократија спроведена во ноември минатата година на 1005 испитаници, висока е поддршка на граѓаните за придобивките од регионалната иницијатива. Огромно мнозинство од 80% од граѓаните ја ја сметаат како атрактивна можноста за вработување во некоја од земјите од Западен Балкан. Понатаму, отворањето на границите меѓу земјите на Западен Балкан го сметаат за корисно 85% од испитаниците, додека можноста за користење на сопственото образование во сите земји на Западен Балкан позитивно ја гледаат 84% од граѓаните.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button