ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Матурантите го продолжуваат бојкотот, имаат закани за бркање од училиште

Од понеделник матурантите ќе го продолжат бојкотот на наставата од далечина, затоа што, Министерството за образование воопшто не ги прифаќало нивните барања. На средбата на Унијата на средношколци што се одржа попладнево, било одлучено матурантите да не се вклучуваат во наставата се додека не се дојде до конечно решение.

„На Централното собрание на Унијата беше одлучено бојкотот на наставата да продолжи и оваа недела затоа што сметаме дека е многу важно на образовните институции да им се изврши притисок затоа што не е направен никаков компромис во однос на нашите барања. Затоа учениците едногласно без ниту еден глас против, одлучија да се продолжи со бојкотот на наставата од понеделник.“

Матурантите пријавуваат различни закани за кои како што велат им се прават за да се откажат од бојкот од стартот на второто полугодие. Од Унијата велат дека од утре ќе ги пријавуваат сите такви закани.

 „Вистина е дека добиваме секакви притисоци, пораки и телефонски повици од раководствата на училиштата. Поради страв од вработените во училиштата дека може да изгубиме учебна година и оти изгубените часови ќе мора да бидат надоместени, учениците почнаа да се приклучуваат на онлајн часовите и бојкотот почна да спласнува. Ретки беа случаите кога професорите и директорите ни даваа поддршка, во повеќето случаи учениците добиле порака да се вклучат на часовите, во спротивно ќе ја повторуваат годината.“

 

Унијата на средношколци своите барања, меѓу кои и она за измена на Законот за средно образование, вчера ги доставија во Собранието. Претставници на Унијата денеска се сретнаа со пратеници на ВМРО, а претходно добија поддршка од Алијансата за Албанците и Алтернатива. Имено, матурантите велат дека ќе учествуваат на државниот испит, но под услов да има само два предмети. Првиот да биде мајчин јазик, вториот да биде изборен и да изработат еден проект. Но, министерката за образование, Мила Царовска, не попушта. Ги повика матурантите да се вратат на часови бидејќи според неа, бојкотот бил неоправдан и секој изгубен час според законот мора да се надомести.

 

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button