ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Младоженци на инфективно! Дали свадбарите од Охрид кои имаа ковид 19 го прошириле вирусот?

Ниту еден од присутните на свадбената веселба во Охрид, каде младоженците по пет дена завршија на инфективното одделение во Охрид, досега не побарал лекарска помош, информираат за Алсат од Центарот за јавно здравје во Охрид.

„Симптомите кај младоженецот се појавиле три дена по свадбата. Имал покачена температура. Хоспитализиран е на 05.08.2021 година. Живее и работи во Виена каде редовно на 48 часа задолжително се тестира за да може да оди на работа. Патувал 14 часа од Виена до Охрид. Младоженецот на денот на свадбата не бил инфективен. Ставени се во изолација најблиските контакти“, вели Јованка Струлакова- епидемиолог Центар за јавно здравје Охрид.

Но, главната сестра на инфективното одделение, Мирјана Спасова, вели дека двајцата младоженци според направената епидемиолошка анкета, температура кренале пет дена после свадбата, на која имало околу сто гости. Во моментот бројот на пациенти кои лежат кај нив е петмина.

„Од тие пет пациенти, тројца се дојдени од странство и се од таму позитивни дојдени. Никој кај нас не ги контролирал на влез. Едниот е од Белгија, двајцата брачни сопружници се од Австрија. Не се вакцинирани пациентите, што е жално“, вели Спасова.

Од Основното јавно обвинителство велат дека ќе поведат постапка само доколку се утврди дека во конкретен настан постојат елементи кои упатуваат на сторено кривично дело. Инаку, како во Охрид така и Струга, денеска имаше гужви и турканици за вакцинација за ковид 19, а граѓаните бараа начин како први да се вакцинираат, до почетокот на одлуката на Владата за нови рестирктивни мерки од 16 август. Иако имаше редари, очигледно беше како никој не се грижеше за одржување на редот.

Лекарите стравуваат од повторно ширење на вирусот. Во Струга последните неколку дена се бележи зголемен број на домашни посети на ковид болни пациенти.

„Денес некаде околу дваесет имаме. Веќе расте бројката на домашни посети со ковид позитивни пациенти од ден на ден. Тие се со средна слика и затоа се со домашна посета. Да се надеваме дека нема да дојде повеќе од триесет посети. Минатиот бран имавме и по 70 посети на ден. Тоа не можеме да го издржиме, бидејќи имаме и теренска вакцинација, вакцинација на болни лица“, рече Дончо Ложанкоски -директор на здравствен дом Струга.

Во Струга во моментот се хоспитализирани 11 пациенти, од кој најмладиот има само 19 години.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button