ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

МНР: Наша државјанка полесно повредена во турканиците по вчерашната експлозија во Истанбул

Министерството за надворешни работи (МНР) информира дека една наша државјанка се стекнала со полесни повреди во вчерашните турканици по експлозијата во Истанбул. Таа се повредила при оддалечување од местото на експлозијата, при што настанал голем метеж од луѓе кои се обидувале да се дистанцираат од местото.

„Информираме дека без поголеми проблеми таа е веќе вратена во земјата“, велат од МНР.

Дополнително, оттаму посочуваат дека и по 24 часа од настанатата експлозија, досега не се добиени информации за директно настрадани или повредени државјани на Република Северна Македонија.

Од МНР додаваат дека нашите претставништва остануваат во контакт со институциите на Турција, како и со загрижени граѓани и економски субјекти кои организираат патувања во Истанбул.

„По вчерашната експлозија во Истанбул, Министерството за надворешни работи, преку Генералниот Конзулат во Истанбул и Амбасадата во Анкара е во постојана комуникација и со надлежните органи на Турција, и со заинтересираните граѓани од нашата земја. Уште еднаш посочуваме на контактите каде можете да се обратите за било каква информација или асистенција: +905456149777 во Истанбул и +38975273732 во Скопје“, додаваат од МНР.

Во вчерашната експлозија што се случи во трговската улица кај плоштадот „Таксим“ во центарот на Истанбул загинаа шест лица, а десетици се повредени.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button