СПОРТФУДБАЛ

Нојер неизвесен и за дуелот против Арсенал во Лигата на Шампионите

Голманот на Баерн Минхен, Мануел Нојер, се соочува со трка со времето за да се врати навреме за првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Арсенал, а клубот веќе почна да прави планови за иднината на оваа позиција. Нојер поради повреда ги пропушти последните две контролни средби на германската репрезентација, како и поразите на Баерн Минхен од Борусија Дортмунд и од Хајденхајм.

„Скај Германија“ и весникот „Билд“ објавија дека голманот вчера продолжил со тренинзи, но не е јасно дали ќе биде достапен за утрешната средба со Арсенал во ЛШ. Одлуката за учеството на Мануел Нојер се очекува да биде донесена по тренингот на гигантот од Минхен пред патувањето во Лондон.

Раководството на Баерн почнува да размислува за иднината на голманската позиција, бидејќи на 38-годишниот Нојер му истекува договорот следната година. Вториот голман на тимот Свен Улрајх има 35 години и исто така има договор до 2025 година.

Баерн Минхен минатото лето потпиша со израелскиот младинец Даниел Перец со договор до 2028 година и клубот е задоволен од неговиот развој и покрај ограничената минутажа што ја добива.

„Тој е одлично момче и тренира како манијак. Секогаш има насмевка на лицето. Многу сме задоволни”, прокоментира Томас Тухел.

27-годишниот Александар Нубел, кој пристигна во Баерн во 2020 година, оваа сезона е на позајмица во Штутгарт. Неговиот договор со шампионот во Бундес-лигата исто така е до 2025 година.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button