ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нови ветувања за патот Струга – Ќафасан

Нема крај на ветувањата дека патот од Струга до граничниот премин Ќафасан ќе биде реконструиран. По претходниот министер за транспорт и врски Сугарески и директорот на Агенцијата за државни патишта, Китанов, кои неколку пати најавуваа дека работите ќе почнат наскоро, сега и новиот министер Бочварски ветува рехабилитација на патот.

„Ние сме при крај со проектирањето на овој патен правец. Некаде во текот на 12 месец оваа година, очекуваме да ја имаме целата техничка документација и на почетокот на 2021 година, ќе биде распишана тендерската постапка преку ЈП Државни патишта. И наскоро и овде ќе имаме видливи активности. Веројатно наредната пролет или во текот на летото“, вели министерот Бочварски.

Последните ветувања од Агенцијата за државни патишта дадени во септември, беа дека во текот на октомври годинава, ќе биде објавен тендер за избор на најповолен понудувач, по што до крајот на годинава ќе отпочнат градежните работи. Претходно, истото се ветуваше за март па за мај годинава. Но наместо тоа, пред десеттина дена само се закрпија дупките, кои ќе се отворија со првите пообилни врнежи од дожд и снег. Жителите од населените места во близината на овој пат, не гледаат повеќе надеж.

„Ветувањата не се остварени, не е направено ништо. Владата ги има оставено во катастрофа патиштата. Ветувањето не ги остварија и ние не знаеме што да правиме. Добро ќе беше да се преземаат порадикални мерки да се  блокира патот, можеби дури тогаш ќе има интерес од  нивна страна“.

„Патот не чини. Патот е катастрофа. Треба да се преземат мерки инаку е проблем, патот е многу голем проблем. Дупките се крпат, но нема ништо, нема нов асфалт. Во Албанија патот е многу подобар отколку во Македонија“, реагираат возачите.

Со проблеми се соочуваат и бројните превозници од Македонија и Албанија кои поминуваат одовде.

„Има многу дупки. Ги искршивме амортизерите од камионите, а два километра пат е. За два километра не го прават патот, а плаќаме такса за патот што поминуваме. Во Албанија патот е многу добар. Кога слегуваш од Ќафасан патот е подобар“, вели превозник од Албанија.

Само на хартија и празни ветувања засега остануваат најавите за нов пат или за реконструкција на постоечкиот кој од Струга води до Ќафасан до границата со Албанија. Овој пат е доста фрекфентен и по него минуваат илјадници возила во текот на годината, но и сите камиони кои транзитираат кон Албанија и Црна Гора.

Овој патен правец е важна делница како за пристап на македонските граѓани кон албанското приморје.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button