ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Вишото обвинителство бара Сашо Мијалков да остане во притвор

Вишото јавно обвинителство не се согласува да му се укине притворот на Сашо Мијалков. Предлогот до Апелација е неговата жалба да се одбие, а поранешниот шеф на тајната полиција да остане во Шутка. Мијалков е во притвор од 13 – ти април, кога беше осуден на осум години затвор во случајот „Трезор“ за набавката на опрема за прислушување за УБК преку фирмата „Финзи“.

Тогаш обвинителството побара ефективен притвор за Мијалков поради опасност од бегство. Тој пред 13 – ти април беше во притвор но за друг случај, поточно за „Таргет – Тврдина“ каде беше осуден на 12 години затвор. Од скопска Апелација посочија дека одржале седница по жалабата на Мијалков, но не одлучиле оти побарале дополнителни документи од Кривичниот суд кој му одреди притвор.

„Веднаш штом го добиме предметот и барањето од Апелација за решение со кое се укинува мерката притвор во друг предмет, ќе го доставиме до повисокиот суд“, наведуваат од Кривичен.

Инаку документот кој Апелација го бара од колегите од Кривичен е решението со кое на Мијалков му беше укината мерката куќен притвор во „Таргет – Тврдина“. Од Апелација најавија дека откако Кривичен ќе им одговори, ќе донесат одлука по молбата на поранешниот шеф на УБК. Сашо Мијалков пред да биде притворен, беше во бегство. Се бараше со потерница, откако шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска добила информација дека Мијалков подготвува бегство, непосредно пред тој да ја слушне пресудата за децениското нелегално прислушување. Но, Мијалков не го најде полицијата. Тој сам отиде во обвинителството и си го зема решението за куќен притвор со објаснување дека имал симптоми на корона и се изолирал.

Бегството на Мијалков го истражува обвинителството. Инаку, поранешниот директор на УБК, веќе утре треба да биде донесен во судот, за да ги слушне завршните зборови на обвинителството во случајот „Тортура“ или за начинот на кој беше уапсен Љубе Бошкоски во 2011 – та година, само еден ден по изборната победа на ВМРО – ДПМНЕ.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button