ВЕСТИЗДРАВСТВОМЕТРОПОЛ

Обвинителството покрена обвинение за пожарот во модуларната болница во Тетово

По десет месеци истраги, Основното обвинителство на Тетово конечно поднесе обвинение против три физички и едно правно лице за пожарот во модуларната болница во овој град каде пред една година животот го загубија 14 лица. Поранешниот директор на болницата Флорин Бесими и уште раководно лице се обвинети за кривичното дело „тешки дела против општата безбедност“, додека дежурниот лекар е обвинет за кривично дело „непостапување во согласност со здравствените правила за време на епидемија“. Во меѓувреме, тетовската болница како правно лице е обвинета за две кривични дела.

„Првите двајца обвинети се товарат за сторено кривично дело: тешки кривични дела против општата безбедност по член 292 ст.4 в.в. со член 288 став 4 в.в. со став 2 од Кривичниот законик. Третопријавениот сторил кривично дело: непочитување на здравствени правила за време на епидемија по член 206 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетото правно лице сторил кривично дело: предизвикување општа опасност по член 288 став 5 в.в. со став 4 в.в. со став 2 и кривичното дело непостапување по здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 2 в.в. со став 1 од Кривичниот законик“, наведуваат од Основно обвинителство Тетово.

Во истрагата за опожарувањето на модуларната болница беа вклучени и обвинители од Скопје, а за електричната инсталација беше побарана и помош од германски експерти и техничкиот факултет. Во првиот криминалистичко-технички извештај на Министерството за внатрешни работи во октомври минатата година, констатирано беше дека пожарот во модуларната болница избувнал од продолжен кабел. Крим-техничарите утврдија дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
Ноќта на 8 септември минатата година, во пожарот што избувна во модуларната болница во Тетово, животот го загубија 14 лица, 12 пациенти и 2 роднини.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button