ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пиши – бриши! Владата се премисли за Илир Мехмети за директор во М-НАВ

Пиши – бриши! Владата се премисли за Илир Мехмети за директор во М-НАВ

Владата попладнево разреши двајца од тројцата директори на М-НАВ. Наместо шефот на Управниот одбор Фахрудин Хамити, првично беше преложен Илир Мехмети, а наместо Љубе Стаменковски, Милан Корач.

Но, потоа откако било заклучено дека Мехмети не ги исполнува условите за функцијата затоа што нема валидна дозвола за надзорен контролор за летање ниту пак, има најмалку шестгодишно работно искуство како контролор, Владата се премисли. Новиот предлог е Хекуран Асани. Тој е активен контролор на летање во М-НАВ и, според проверките, ги исполнувал барањата наведени во Статутот на М-НАВ.

Одлуката на Владата дојде како реакција на случувањата во последните неколку дена кои кулминираа со напад и физичко насилство во кои учествуваше функционерот на ДУИ Беким Незири и уште седум други лица. Разрешувањето на двајцата директори беше барање на синдикатот на вработените во М-НАВ кои се заканија дека доколку тоа не се случи, ќе штрајкуваат со затворање на воздушниот простор над Скопје.

Синдикатот ги обвини одговорните дека наместо стручен кадар вработуваат партиски војници. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека разрешувањето на директорите на М-НАВ не е доволно.

Во меѓувреме, Финансиската полиција денеска влезе во М-НАВ. Од таму за медиумите најавуваат дека ќе направат проверки дали има сомнежи за кривични дела во финансиските постапки. Незадоволството во државното акционерско друштво трае подолго време и синдикатот неколку пати бараше сериозна реформа во службата и подобрување на условите за работа.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button