ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

По викендот во Шутка, Мијалков повторно во судница, овој пат за „Трезор“

По викендот поминат во затворот Шутка, Сашо Мијалков денеска повторно во судница. Продолжи случајот „Трезор“ за набавка на опрема за прислушување преку фирмата „Финзи“. Судењето траеше кусо. Се сослуша еден сведок. Судот закажа завршни зборови. За обвинителството на 22 – ри, а обвинетите на 29 – ти март по што следува пресуда. Мијалков го вратија во Шутка. Премиерот Зоран Заев минатата недела најави одговорност за бегството на Мијалков, а денеска уште еднаш повтори дека истрагата за можен пропуст треба да продолжи. Деталите требало да ги даде обвинителството.

„За текот на истрагата ќе може јавното обвинителство да ви каже, затоа што обвинителството прави истрага за сите учесници во постапката“, рече премиерот Заев.

Па, прашавме денеска во обвинителството – до каде е истрагата за бегството на Мијалков. Ни одговорија со тотално идентичен одговор како пред четири дена.

„По наредбите се уште се постапува. Доколку постапувајќи по издадените наредби, МВР обезбеди докази и идентификува сторители на кривично дело, Обвинителството ќе преземе кривичен прогон согласно своите законски надлежности“, рекоа од Обвинителството.

И додека истрагата за бегството се уште трае, директорот за извршување санкции, Марјан Спасовски, гарантира дека Мијалков ќе биде безбеден во затворот во Шутка.

„Изготвен е конкретно план за притвореникот Сашо Мијалков, за неговото движење, конкретно за шетањето и да се запазени сите безбедносни протоколи за да не дојде до било каков инцидент“, изјави Марјан Спасовски, Директор на управа за извршување санкции.

Министерот за правда Бојан Марачиќ потврди дека е првиот министер кој добил информација од обвинител дека е можно Мијалков да подготвува бегство. Побарал да се проверат информациите. Не чувствува одговорност за бегството, оти ресорот кој го води не давал можност да издаде наредби на полиција и обвинителство, туку само да извести за сознанијата.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button