ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пожарот во Охридско ставен под котрола, се работи на целосно гасење

Пожарот во Охридско ставен под котрола, се работи на целосно гасење

Пожарот што вчера попладне избувна на планината кај охридските села Вапила – Расино – Сирула е ставен под котрола и нема опасност од зафаќање на куќите, информира командирот на Територијалната против пожарна единица – Охрид, Борко Јанкулоски.

Според него, Охридската пожарна е на терен со три возила и 10 пожарникари, а распоредени се и екипи на Национални шуми, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и доброволци.

– Пожарот е ставен под котрола. Се надевам дека во текот на денот ќе биде изгаснат. Не постои опасност од зафаќање на куќи, изјави Јанкулоски.

Според јавното претпријатие Национални шуми, зафатена е поголема површина нискостеблеста дабова шума, а направената штета дополнително ќе ја проценуваат.

– Во моментот пожарот е ставен под контрола, но на терен остануваат дежурните екипи до негово целосно локализирање. Вкупната зафатена површина и направената штета дополнително ќе се проценуваат, соопшти Национални шуми.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков информира дека од утрово на терен се и екипи од сите општински јавни претпријатија.

– Дополнително на располагање е доставена и цистерната за вода од ЈП „Охридски комуналец“, додаде Пецаков. 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button