ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Проблеми со водоснабдувањето во Охрид, изворите слаби, се црпи вода од езерото

Ако не е Охридското езеро, охриѓани можат да останат без вода за пиење. Во ситуација кога поради слабиот капацитет на останатите извори, од каде градот се снабдува со вода, околу 40-50% од водата сега доаѓа од езеро. Таа се прочистува и хлорира пред да стигне до чешмите на граѓаните.

„Во моментот работи една пумпа со 50 литри во секунда. Само 50 литри се доволни во овие периоди и за одржување на системот за хлорирање кон Пештани…“, вели Љубе Трајаноски- Водовод Охрид.

„Имаме намалена издашност на Летнични извори. Ако била над 150 литри во секунда, сега сме на 50-60 литри во секунда. И ќе треба да се бараат некакви алтернативни извори, да се обезбеди доволно. Најголем дел од водата сега се добива од изворите во езерото од препумната станица кај Метропол“, рече Марјан Ристески-директор на Водовод Охрид.

Решение за проблемот со водоснабдувањето на Охрид е изградба на нов цевковод од 25 километри. Првичните проценки се дека се потребни околу 6 милиони евра, но сега со новите цени на пазарот таа сума би достигнала и до 10 милиони.

„Еден и единствен спас за Охрид се Свинишки извори. Тој проект е готов од 2009 година. Чека за реализација, меѓутоа такви се условите. Никако да се најдат средства за изградба“, рече Љубе Трајаноски- Водовод Охрид.

Водоводната мрежа во Охрид е прилично застарена и сè уште има азбестни и салонитни цевки. Се работи на мрежа долга повеќе од 212 километри, но заменети се само 30% од цевките.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button