ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Просечната плата во земјава намалена за околу 500 денари

Просечната нето-месечна плата на вработените за јануари 2024 година изнесува 39.542 денари. Просечниот бруто-износ е 59.392 денари, објави Државниот завод за статистика. Во однос на декември, ова значи дека просечната плата во земјава е намалена за околу 500 денари. Најголем пад има во градежништвото, минус 10,9%, во преработувачката индустрија минус 4,9% и во трговијата на големо и мало од минус 3,8%. Ова намалување уште повеќе го отежнува животниот стандард, кога потрошувачката кошничка во овој месец за четиричлено семејство достигна 1.210 евра сосе евентуалната кирија. Професорот Љубомир Кекеновски нагласува дека политичката корупција влијае и на платите и на енормното поскапување.

Од друга страна, одлуката за зголемување на минималната плата сè уште не е објавена во Службен весник, а доцни и усогласување на платите на околу 60.000 вработени во јавниот сектор кои во платата за март треба да имаат 2.500 денари повеќе. Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) велат дека власта намерно ја одолговлекува одлуката за зголемување на минималецот.

„Се работи за 2.500 денари по вработен во јавниот сектор, покрај 2.500 евра плата на функционерите кои ќе се обидат да манипулираат со овој закон. По објавувањето на социо-економскиот совет во Владата, истиот ќе биде објавен во Службен весник, во петок или најдоцна во понеделник и се очекува да стапи во сила. Доколку не се усогласат платите, тоа ќе биде кривично дело за што ќе пријавиме во обвинителството“, рекоа од ССМ.

Последните пресметки на синдикатите покажаа дека на едно четиричлено семејство му се потребни околу 59 илјади денари за покривање на основните потреби во месецот. Во март, во однос на февруари, трошоците се зголемени за повеќе од 1.500 денари, главно за храна и пијалоци. Овие производи беа под контрола на мерката за гарантирани цени, но Владата не ја продолжи. Сега ќе се чека да профункционира Законот за спречување на нефер трговски практики, но за тој да почне да се применува ќе почекаме до септември.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button