ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Првата група холандски туристи слета во Охрид

Две години по ковид пандемијата, холандските туристи повторно во поголем број ќе летуваат покрај Охридското езеро. Првата група со 155 туристи од Амстердам, денес слета на аеродромот во Охрид, со што и официјално почна туристичката сезона.

„Втор пат сум овде. Многу ми се допаѓа Охрид. Ќе останеме десет дена овде. Најмногу ми се допаѓаат луѓето кои се пријателски секогаш расположни“, вели еден холандски турист.

„Прв пат сум во Македонија. Дојдовме на одмор, бидејќи слушнавме дека овде е убаво. Се надевам дека ќе понесеме добри впечатоци“, додава турист од Холандија.

До крајот на септември ќе слетаат 60 чартер авиони, со околу 7000 гости. За прв пат ова лето, организирано ќе летуваат и околу 2000 гости од Велика Британија. Сепак бројките ќе бидат далеку помали од најсупешната досега 2019 година.

„Јас би сакал да ја споредам 2022 со 2021, затоа што 2021 беше појдовна точка, каде почнавме од нула и направивме некој минимален успех. Но годинава сме 30-40% подобро од минатата година“, рече Челик Асим, тур-оператор.

„Очекуваме исто така и други тур оператори и други дестинации да го оперираат Охрид. Веќе имаме  патувања од Малезија дури и од Индија. Се надеваме дека ќе имаме дополнителни патувања од Израел и регионот“, изјави Љупчо Јаневски-директор на Агенција за туризам.

Од Агенција за туризам очекуваат годинава регионот да го посетат помеѓу 30 и 50% повеќе странски туристи од лани и да се реализираат вкупно 2,6 милиони ноќевања.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button