ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Првите пет автобуси по 10 години стигнаа во Тетово

Најавени пред 10 години, автобусите наменети за јавниот превоз во Тетово пристигнаа денеска. Петте автобуси кои ќе транзитираат на три рути низ градот Тетово чинат 720 илјади евра, а парите се  обезбедени преку Светска Банка, за проект наменет за подобрување на условите за живеење во општините.  Теута Арифи градоначалничка на Тетово вели дека граѓаните ќе треба да ги почитуваат правилата на јавниот превоз и доколку сакаат автобусите подолго време да им бидат на располагање, ќе треба да ги чуваат како свои. На новинарско прашање, дали таа ќе ги користи автобусите вели дека преферирала пешачење, но ќе ги користела и автобусите.

„За скептиците секогаш најдобриот одговор е да си ја завршите работата. Скептиците велеа дека никогаш нема да стигнат автобусите, но еве тука се. Нормално дека сите заедно треба да работиме и да градиме еден заеднички урбан концепт каде што начинот да се стигне од едно до друго место е поефикасен, подобар покоректен и дури и побрз доколку се патува со градски превоз“, рече Теута Арифи градоначалничка на Тетово.

Автобусите за јавниот превоз во Тетово во последниве десет години се ветуваат пред сите изборни циклуси, како на локално така и на централно ниво. Поголемиот дел од тетовци досега сметаа дека во градот има многу тесни улици и беа скептични дека јавниот превоз ќе се одвива непречено. Дополнително, информациите од терен велат дека се уште нема автобуски постојки во градот, каде автобусите би застанувале. Но како проблем во моментов се јавува и тоа дека за овие автобуси засега нема гаражи, но и сервисен центар во случај некое од возилата да пројави некој проблем или дефект.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button