СВЕТ

Расте опасноста за соработниците на Западот од Талибанците

Како што минуваат деновите, расте опасноста од Талибанците за соработниците на западот. Меѓународните медиуми веќе пишуваат за тројца убиени. Американската армија дополнително го зајакна периметарот околу аеродромот Хамид Карзаи во Кабул, а снимките од меѓународните медиуми покажуваат како Талибанци ги напаѓаат Авганистанците кои во раце држат документи со надеж дека ќе влезат во аеродромот за некаде да заминат.

„Може да се види како завршува нивното трпение додека се чека процесот на верификација на документите. Ние дури и не знаеме колку долго ќе бидеме тука, но процесот на идентификација е во тек“, изјави Припадник на британската армија.

„Ако продолжи да се случува ова, никој од нас нема да добие помош. Сакам да одам во Америка, соработував со нив 5 години“, рече Авганистански државјанин.

Германската војска потврди дека евакуирала 2.000 лица, додека 13 земји покажаа подготвеност да прифатат авганистански бегалци. Амбасадата на САД во Авганистан ги советува своите граѓани да избегнуваат патување на аеродромот поради потенцијални безбедносни закани.

Борците пак, лојални на соборената прозападна авганистанска влада тргнале во контраофанзива против Талибанците. Вчера освоиле три области на северот на земјата. Сепак, највисокото талибанско раководство се собра во Кабул за да донесе одлуки за следната влада. Висок талибански функционер за Франс прес изјави дека коосновачот на Талибанците, Мула Абдул Гани Барадар ќе се состане во Кабул со џихадистички лидери и политичари за да се формира сеопфатна влада. Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лиен изјави дека ЕУ не води политички разговори со Талибанците, но ќе следи што ќе прават. Според неа, Комисијата е подготвена да обезбеди пари за земјите од ЕУ кои земаат бегалци и планира ова прашање да го постави на агендата на состанокот на Г-7 следната недела.

Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button