ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Рестриктивните мерки продолжуваат и во наредните седум дена, угостителите утре на протест

Полицискиот час кој почнува од 20 часот и трае до 5 наутро како и забраната за гости во угостителските објекти остануваат на сила и во наредните седум дена. Овие рестриктивни мерки завршуваа вечерва на полноќ, но до Владата стигнаа препораките на Комисијата за заразни болести мерките да продолжат уште една недела. Овие рестриктивни мерки се на сила веќе 14 дена. А, угостителите утре ќе протестираат пред Министерството за финансии. Велат, изборот на локацијата за изразување на нивното незадоволство доаѓа по тоа што токму таа институција управува со финансиите од државната каса, а угостителите подолг период бараат дел од тој колач.

„За спас на угостителските дејности бараме, еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во три категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година. Еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, и кои со месеци немаат никаква помош“, рече Перица Голомеиќ Туристичко-угостителската комора.

Угостителите кои поддршка на протестот ќе добијат и од туристичкиот сектор дополнително бараат да се донесе мораториум или да се воведе репрограмирање со грејс период на кредитите кои ги имаат подигнато од банките, се додека Владата не им дозволи да работат по старите правила како пред пандемијата. Угостителите се разочарани од работата на политичарите бидејќи петтиот сет е најавуван во декември лани, а реализацијата не е почната и по четири месеци.

„Поентата не е само да се најави нешто, поентата е и да се изреализира и навремено да стаса таму каде што е наменета. Во оваа ситуација сме баш само заради тоа, затоа што помошта не е навремена и не е соодветно скроена помошта од пакетите мерки кои до сега беа имплементирани“, вели Мартин Ангеловски угостителско туристичка комора.

Околу рестрикциите, угостителите очекуваат за велигденските и рамазанските празници да има дополнителни, построги мерки.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button