ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се испитуваат сите можности зошто дошло до пожарот во „Глобал“

Струмичкото обвинителство денеска изврши увид во опожарениот трговскиот центар „Глобал“. Со нив беа претставници од крим техника на МВР и струмичката полиција. Обвинителството повика и екстра вештаци, за пожари и експлозиви и за електрика, за ја утврдат причината за пожарот, соопштија од обвинителството. Објектот го проценуваа градежници и архитекти. Материјалната штета во „Глобал“ е голема, а точната сума ќе ја кажат финансиски лица кои денеска го проверуваа тоа.

„Јавниот обвинител издаде наредби за подигање на траги од лице место и нивно натамошно вештачење, како и за одземање на видео записи – ресивери од видео камерите поставени во трговскиот центар. Издадени се и наредби за вршење на оперативни проверки и прибирање на информации од лица кои имаат сознанија во врска со настанување на пожарот“, велат од Обвинителството.

Пратеникот на СДСМ и поранешен в.д. градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, го повика актуелниот струмички градоначалник Јаневски да се отвори солидарен фонд за „Глобал“.

„Сметам дека на тој начин навистина граѓаните ќе почуствуваат дека помагаат на свои сограѓани коишто во еден вака важен период во една светска пандемија, за жал ги снајде дополнителна криза во трговскиот центар „Глобал“. Секако дека моите препораки не се обврзувачки“, рече Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ.

Противпожарниот систем не работел. Опозицијата бара одговорност.

„Кој ќе понесе одговорност бидејќи ваков пожар можело да се случи во работен ден, при полн јавен објект, трговски центар и да има и човечки жртви, само затоа што противпожарниот систем не функционира, односно е некомпатибилен со пожарникарските црева“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.

Пожарот во „Глобал“ во Струмица изби пред два дена. Повеќе од пет часа го гаснеа 61 пожарникар. Огнот избувна во делот каде се испраќа стоката, па се прошири. „Глобал“ на јавноста и е познат поради наводни нерегуларности при изградбата. Сегашниот премиер Заев, како тогашен градоначлник на Струмица во 2008 година кога на власт беше Никола Груевски, беше во притвор, па доби аболиција од тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Во 2011, Управниот и Врховниот суд пресудија дека трговскиот центар „Глобал“ е законски изграден.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button