Северна Кореја пријави уште 269 510 случаи со симптоми на треска и уште шест смртни случаи, објавија денеска државните медиуми откако земјата го потврди првиот случај со ковид-19, соопшти државната агенција КЦНА, пренесува Ројтерс.
Според севернокорејскиот штаб за борба против вирусот, 56 лица починале, а повеќе од 1,48 милион се разболеле поради брзото ширење на треската во земјата од крајот на април.
Државните медиуми не наведуваат за колку од случаите на треска е потврдено дека се случаи на коронавирус, а надворешни експерти сметаат дека повеќето од овие случаи се ковид-19.
Изолираната земја се бори со својата прва признаена појава на ковид-19, што ја потврди минатата недела, поттикнувајќи загриженост за голема криза поради недостаток на вакцини и соодветна медицинска инфраструктура.
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека вирусот може брзо да се шири во Северна Кореја, која немаше програма за вакцинација и одби меѓународна помош.
Вчера севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ѝ нареди на војската да ја стабилизира дистрибуцијата на лекови за коронавирус во главниот град Пјонгјанг, каде што за само неколку дена се пријавени повеќе од милион случаи на коронавирус.