ВЕСТИРЕГИОН

Шолц на Балканот: „Сите земји треба да бидат подготвени за прагматични компромиси“

Шолц на Балканот: „Сите земји треба да бидат подготвени за прагматични компромиси“

Приштина беше првата станица на германскиот канцелар Олаф Шолц како дел од неговата турнеја низ Западен Балкан. Шефот на германската влада на дневен ред ги има и Белград, Скопје, Софија и Солун. По средбата со косовскиот премиер Албин Курти, Шолц ги увери сите земји во регионот дека Германија ќе направи сè што е можно за да им помогне на нивниот процес на интеграција, но го нагласи следново:

„Сите земји треба да бидат подготвени за прагматични компромиси и да се исполнат потребните услови,“ рече Олаф Шолц, германскиот канцелар.

Неколку дена по Самитот на иницијативата на Отворен Балкан во Охрид, Шолц беше дециден дека неговата земја приоритет ќе му даде на заедничкиот регионален пазар, кој е производ на Берлинскиот процес.

„Во срцето го имам продлабочувањето на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан. Зборувавме и за ова, за Берлинскиот процес. Сакам да го заживеам оваа година заедно со нашите партнери во рамките на Берлинскиот процес и наесен ќе ве поканам на конференција во Берлин. Регионот треба да напредува во однос на создавање заеднички регионален пазар и 4-те важни договори за слободно движење на луѓе и признавање на професионални дипломи треба брзо да се склучат,“ рече Олаф Шолц, германскиот канцелар.

И премиерот на Косово, Албин Курти, кој одбива да се приклучи на иницијативата „Отворен Балкан“, рече дека регионалната соработка треба да се унапредува во рамките на проектите од Берлинскиот процес.

„Оваа година планираме да аплицираме за статус на земја-кандидат за членство во Европската Унија… Би сакале сè да оди побрзо и за ова ќе работиме максимално. ЕУ е нашата судбина, Европа е нашиот континент. Сакаме европско Косово, европски Балкан без други ориентации и формулации.,“ рече Албин Курти, премиерот на Косово.

По Приштина и Белград, канцеларот вечерва учествуваше на Самитот на „Процесот за соработка во Југоисточна Европа“ во Солун. Организаторот, грчкиот премиер Мицотакис во напис објавен во „Политико“ наведе дека Западен Балкан треба целосно да се интегрира во ЕУ до 2033 година, што е амбициозен, но остварлив временски рок.

Семра Мусаи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button