ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Синдикалната кошничка за март 1.522 денари повисока од февруари

Вредноста на минималната синдикална кошничка за месец март достигна 58.998 денари или за 1.522 денари повеќе од февруари. Според Сојузот на синдикати на Македонија, најголем пораст има во секторот храна и пијалаци, кој за март изнесува 22.681 денар. Во однос на минатиот месец трошоците на едно четиричлено семејство се зголемени за 1.462 денари само за храна и пијалоци. Трошокот е уште поголем, односно 74.373 денари, доколку во овие трошоци се вклучи и кирија за стан од 60 м2.

Светлана Димоски, од Сојузот на синдикати, вели дека од декември до март само трошоците за храна и пијалоци се зголемени за речиси 2 илјади денари, што претставува раст од 9,4 отсто во потрошувачката кошница. Според неа, ваквото поскапување е резултат на завршувањето на владината мерка за гарантирани цени, со што им се одврзаа рацете на трговците повторно да продаваат поскапо.

Поскапувањето, велат од Синдикатот, ја намалува куповната моќ на граѓаните. Според тоа, со новото зголемување на минималната плата од март, која според пресметките ќе биде 22.567 денари, нема позитивно да се одрази врз животниот стандард. Синдикатот предложи продолжување на мерките за гарантирани цени до средината на септември, датум кој се совпаѓа со стартот на Законот за спречување на нефер трговски практики.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button