ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Сирењето и кашкавалот ќе зреат по стара цена, нема брзо да поевтинат

Колку побрзо компаниите од прехранбениот сектор потпишат договори за користење на евтина струја, толку побрзо нивните производи ќе поевтинат. Но, од Стопанската комора не веруваат дека процесот брзо ќе се одвива. Бизнисмените очекуваат дел од компаниите субвенционирана струја да добијат дури во јануари, па дури тогаш би можеле да ги намалат цените на своите производи. Дополнително, од ова бизнис здружение за Алсат велат дека струјата не е единствениот проблем. Имено, од почетокот на пандемијата до сега велат дека се случува континуиран раст на цените на суровините.

„Секоја дејност има различна пресметка. Онаму каде што најбрзо треба да се очекува некакво раздвижување на цените во надолна линија е во пекарската индустрија… Во млечната индустрија имаме една специфична ситуација, каде што дел од производите како што се сирењето, кашкавалот тие имаат процес на обработка од два до три месеци. Тоа значи дека ако струјата ја добиеме во декември, ефектот оваа индустрија нема да ја почувствува во декември, туку два месеци подоцна“, велат од стопанската комора.

Од Државниот пазарен инспекторат следниве денови ќе излезат со првични податоци дали има стабилизација на цените на храната.

„Ние сме секојдневно на терен, податоците би се сублимирале во понеделник и дури тогаш јавноста, од страна на Државниот пазарен инспекторат би имала некој поконкретен податок во однос на тоа дали цените се намалуваат или остануваат исти“, рече Александра Котели, Државен пазарен инспекторат.

Според најавите, околу 200 компании и 600 пекарници од следниот месец ќе добијат поевтина струја. Осумдесет евра за мегават час, но под услов да ги намалат цените на своите производи. За оваа мерка државата ќе потроши околу 3,5 милиони евра.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button