ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Собранието во новата година стартува со работа на 10 јануари: На дневен ред е ратификацијата на Договорот со Фронтекс

Пратениците во законодавниот дом првата пленарна седница во новата година ќе ја одржат на 10 јануари, а една од точките на дневен ред е и предлог-законот за ратификација на Договорот со Фронтекс, кој С Македонија и Европската Унија го потпишаа на 26 октомври минатата година.

Предлогот на закон за ратификација на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија, како што гласи целосното име на материјалот, е втора од вкупно 15 точки што се на дневен ред на оваа 99. седница на Собранието.

Како што може да се види од материјалите за седницата, објавени на интернет-страницата на Собранието, во предлог-законот се содржани факсимили од целосниот текст на Договорот со Фронтекс на сите 25 јазици на кои е потпишан: македонски, бугарски, хрватски, чешки, дански, холандски, англиски, естонски, фински, француски, германски, грчки, унгарски, ирски, италијански, летонски, литвански, малтешки, полски, португалски, романски, словачки, словенечки, шпански и шведски јазик.

Предлагач на законот е Владата, а нејзини претставници кои ќе го застапуваат и елаборираат пред пратениците се министрите за надворешни и внатрешни работи, Бујар Османи и Оливер Спасовски, како и и нивните заменици, Фатмире Исаки (заменик-министер за надворешни работи) и Назим Буши (заменик-министер за внатрешни работи).

Со ратификацијата Договорот со Фронтекс ќе стане дел од внатрешниот правен поредок на државата.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button