ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Советниците во кабинетот на Битиќи и денеска остануваат тајна

Власта упорно не ги открива имињата на членовите на новото владино советодавно тело „За татковината со љубов“. Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи вели дека без согласност на советниците, нивните имиња нема да излезат во јавност. За да не ја наруши, како што вели, нивната приватност, Битиќи само откри дека станува збор за универзитетски професори, членови на политички партии, бизнисмени и синдикалци. Групата била родово и етнички балансирана.

„Верувајте таа група не е за конспирации во државата, туку е добронамерна затоа што работи од срце, со љубов за државата“, вели Битиќи.

За советниците не е предвиден хонорар, а групата не е финална и ќе се проширува, вели вицепремиерот. Но, што конкретно ќе работи и какви стратегии се очекува од ова тело, владата не кажува. Прашањата на Алсат беа прекинати на денешната прес конференција.

Прашање: Што конкретно ќе работи и какви совети ќе се даваат?

„Извини Иле, малку го заземавме просторот, имаме и други прашања ќе бидеш љубезен ќе има прилики друг пат“, рече Бојан Атанасовски портпарол на вицепремиерот.

Во новоформираното тело засега има 23 таинствени експерти. Надворешно експертско тело со кадри од економските сектори Владата имаше и на почетокот на пандемијата, а кое им помагаше на властите да најдат решение и да состават антикризни мерки. Дел од економистите за Алсат веќе изјавија дека е добро тоа што властите бараат решенија и мислења од експерти, но клучната одлука мора да ја носат функционерите, коишто се избрани за тоа и имаат мандат од граѓаните.

Инаку, во состав на кабинетот на вицепремиерот за економија има шест редовни советници и еден шеф на кабинет. Претходната власт често беше критикувана дека во тајност носи одлуки и работи далеку од очите на граѓаните. А, како една од заложбите со кои оваа власт неколку пати се пофали во јавноста е дека е отворена за граѓаните. Сега велат дека имињата на советниците на ова тело ќе бидат објавени во јавноста откако ќе прикажат некакви резултати.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button