ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Спасувачи во охридско симнувале Украинец „закачен“ на дрво и лабрадор заглавен во карпи

Туристичката сезона во Охрид и Струга донесе полни раце работа за спасителите на планина. Планинско-спасителната служба, која функционира во рамките на Црвениот крст во Охрид, од почетокот на летово имала повеќе интервенции за спасување на повредени лица. Помеѓу нив и четири несреќи со т.н. АТВ возила.

„Сè повеќе и повеќе е атрактивно движењето во планина, посебно за странските гости. Сето тоа бара соодветен бек-ап и логистика… Странците прво прашуваат кој мене ќе ми дојде ако јас се качам на врвот Магаро и ја скршам ногата? Тоа е првото прашање. Вие ќе му понудите супер национален парк, но кој ќе го спасува?“, изјави Сашо Точков- Црвен крст Охрид.

Имало и една интервенција за од гранки да се симне украински параглајдерист кој несреќно слетал на високо дрво. Потоа, од стрмна карпа висока 15-тина метри кај месноста Свети Јован Канео, извлекувале заглавен домашен пес од видот лабрадор. Го ваделе четири лица. Во период на зголемен број луѓе во регионот, спасителите за нивната работа бараат поголема поддршка од локалните власти.

„Ние се надеваме дека ќе се воведат некои механизми со кој ќе се поддржи спасителната единица за одговор на овие проблеми бидејќи Охрид е туристичка дестинација и нашиот развој е во областа на туризмот и ние тука треба да се развиваме и да одговориме на тие предизвици“, рече Мартин Лечоски-спасител.

Спасителите апелираат до сите љубители на алтернативниот туризам да не ги потценуваат планините и езерото. За време на турите да се движат во групи, да поседуваат соодветна опрема за движење, средства за комуникација, полни или резервни батерии како би можеле навреме да побараат помош во случај на несреќа.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button