ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Струшките хотели и компании најавуваат повисоки цени

Струшките хотели и компании најавуваат повисоки цени

Струшките хотели и компании најавуваат поскапување на цените на аранжманите и останатите услуги поради драстичниот пораст на цената на водата. Од почетокот на годинава таа за фирмите е поскапа за 57%, додека цената за прифаќање и отстранување фекална вода се покачи за дури 90%.

„Тоа е уште еден удар за нас. Ако се продолжи во насока на зголемување на трошоците ние ќе ги губиме клиентите оваа година. Затоа ќе бидеме принудени да ги покачиме цените. Една година сме поефтини, другата сме дупло поскапи, тоа за нас е лоша ситуација“, рече Висар Лумани-хотелиер.

Од Хотелската асоцијација на Македонија најавуваат дека ќе испратат барање до општината за итна корекција на цените. Велат дека потпишувањето на договорите за сезоната 2024 во туристичката индустрија е веќе во тек.

„Договорите за 50% од хотелите се веќе потпишани. Во цените никогаш не можеме да предвидиме вакви поскапувања од 50 до 90%. Ние секое поскапување можеме да го искалкулираме со максимум до 20%“, додаде Крсте Блажески- претседател на ХОТАМ.

Во исто време, цената на водата за домаќинствата се зголеми за 35 насто, а за отстранување фекална вода за 80%. За поскапувањата реагираа и опозициските партии во Струга.

„Една од причините е и продажбата на зградата на ЈП Водовод кое сега е приморано да плаќа огромни закупнини за деловни простории под наем затоа што нема сопствено седиште“, нагласи Ален Деребан-ВМРО ДПМНЕ-Струга.

Од Алијанса за Албанците реагираат дека Јавното претпријатие Водовод и канализација – Струга има долгови од околу 3 милиони евра. Директорот Дашмир Насуфи за новата цена вели дека одлучува Регулаторната комисија врз основа на податоците што ѝ ги доставиле. Локалната власт во Струга во април 2023 ја зголеми и цената за комунални услуги за 20%. За период од околу само една година, тоа беше второ зголемување./Алсат.мк

Мики Трајковски

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button