ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кал и црнила од чешмите! Стружани деновиве без чиста вода за пиење

Втор ден водата од градскиот водовод во Струга е забранета за пиење и за одржување на лична хигиена поради дефектот на водоводната мрежа од пред неколку дена. Откако водата дојде, од чешмите на стружани протече вода со црна боја.

Од Водовод и канализација велат дека водата е загадена и не е за пиење. Работните тимови на претпријатието биле на терен, за да се реши овој проблем.

„Некој треба објаснување да даде, зошто нема вода. Без одговорност ова вака може да си тера и натака“, реагира еден граѓанин.

Дефектите на водоводната мрежа се чести, па се случува и цели населби да останат без вода. Во рок од пет дена, двапати немаше вода.

„Последно пред два дена, кога немаше цел ден. Како водата од Вардар, матна, темна, таква е матна и нечиста е. Како се снаоѓате? Трпиш, нема што, ќе се снаоѓаш, како се снаоѓаш. Се случува многу често во овие згради, на овој терен“…

„Не пиеме вода од чешма. Секогаш купуваме. Не чини. И сега не е добра водата од чешма“, рекоа граѓаните.

Ова го отежнува и работењето на бизнисите кои со буриња носат чиста вода.

„Ни треба чиста вода, а не ни треба загадена вода. Ова е бизнис, каде ние мораме да имаме чиста вода. Ова не се трпи“, рече Енис Истрефи-сопственик на пекара.

Забраната ќе важи најмалку до понеделник, кога треба да бидат готови и микробиолошките анализи. Денеска матноста е во рамките на дозволеното, но за пиење, стружани ќе треба да причекаат.

„При повторни дефекти на водоводната мрежа да се изврши хиперхлорирање со испирање со вода и истата да се испушти низ постоечките испусти, а потоа да се пушти во водоводната мрежа до домаќинствата“, наведоа од Центарот за јавно здравје.

Од детската градинка ни рекоа дека со години не ја користат водата од градскиот водовод ниту за пиење ниту за миење. Се снаоѓале со флаширана вода од приватни спонзори. Директорот на струшката болница не беше достапен да каже што прават и како се снаоѓаат кога водата е забранета, како сега. Директорот на Водовод и канализација, Дашмир Насуфи, рече дека последниот дефект бил предизвикан од ЈП Водостопанство кога го чистеле каналот покрај главниот пат Струга – Охрид. Според него, причина за дефектите била старата инфраструктура на мрежата.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button