ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Судот во Стразбур на 16 февруари ќе ја објави одлуката за аболицијата од Иванов

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур на 16 февруари треба да ја објави одлуката за аболицијата која ја даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов на поранешни функционери и други лица кои ги гонеше Специјално јавно обвинителство (СЈО). Информацијата за датумот на објава за „Фокус“ ја потврди и владиниот агент од Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП, Даница Џонова.

„За дел од предметите за кои се интересирате има најава за објава на 16 февруари, на интернет страницата на Судот за човекови права во Стразбур“, вели Џонова за„Фокус“.

Со аболицијата на Иванов од април 2016 беа опфатени 54 лица од предметите на СЈО. Но, таквиот потег на бившиот претседател предизвика бурни реакции во јавноста и протести, па по месец и половина и по направени законски измени во Законот за помилување, тој ги повлече аболициите.

Дел од поранешните функционери кои беа на списокот на Иванов, потоа во Стразбур ги проблематизираа постапките што против нив ги водеше СЈО повикувајќи се на аболицијата. Од истиот аспект често нивните адвокати ги оспоруваа предметите и пред домашните судови повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.

Првата апликација до Стразбур беше испратена на почетокот на ноември 2017 година од поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески преку адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

До крајот на 2018, пак, беа поднесени уште осум, а меѓу апликантите се и: бившиот премиер Никола Груевски, ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на Владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот градоначалници на Гази Баба и на Пустец (Албанија) Тони Трајковски и Едмонд Темелко.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button