КОШАРКАСПОРТ

ТФТ оди на одбрана на тронот, МЗТ Скопје е главен фаворит

По Суперкупот на Македонија, време е за Купот на Македонија, кој го носи името по нашата кошаркарска легенда – „Благоја Георгиевски – Буштур“ – а ќе се игра во СРЦ „Кале“ во организација на Кошаркарската федерација на Македонија.

Бранител на титулата е екипата на ТФТ Mozzart која приреди големо изненадување со ланската победа над МЗТ Скопје. Тимот од Тафталиџе ја креира најубавата бајка во македонската кошарка со победата над големиот фаворит и го донесе првиот трофеј во клубот кој настана по маалска приказна, а оваа година, ќе оди на одбрана на тронот.

Противник на тимот на Боро Смилковски ќе биде најтрофејниот кошаркарски колектив Работнички кој се засили и фати ритам во актуелната сезона. Прв фаворит за круната во Купот е МЗТ Скопје, АБА-лигашот кој отвора со гевгелиски Кожув. Аеродромци предводени од тренерот Гаги Николиќ се фаворити и за „двојната круна“, не само за ова одличје.

МЗТ и Кожув ќе ја отворат четвртфиналната програма од 12:00 часот, а потоа во дуелот од 14:30 часот играат Гостивар и Феникс. Во продолжението, уште еден тим кој ја претставува Македонија на меѓународни рамки – КК Пелистер (АБА-2 лига) – игра против Еуро Никел, а во последниот меч од 19:30 часот се среќаваат Работнички и ТФТ Mozzart.

Во полуфиналето можна е реприза на ланското финале, затоа што вкрстуваат победниците од дуелите МЗТ – Кожув и Работнички – ТФТ Mozzart, додека втората полуфинална двојка ќе ја сочинуваат подобрите од Гостивар – Феникс, односно Пелистер – Еуро Никел.

Од учесниците на завршницата, најтрофејни во Купот се МЗТ Скопје и Работнички со по десет титули, Еуро Никел и Гостивар имаат по две одличја, а ТФТ Mozzart има една титула, онаа ланската. Без титула се Пелистер, Кожув и Феникс, со тоа што битолчани и гевгеличани имаат играно за титула во изданијата во 2009 и 2015 година./Gol.mk/

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button