ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Црвенковска поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Судскиот совет

Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Одлуката таа ја соопшти на почетокот на денешната седница која е продолжение на минатонеделната кога имаше бунт од членови на Судскиот совет.

„Јас поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на судски совет”, рече Црвенковска на самиот старт на седницата.

Потоа таа стана и излезе од салата, а во заминување кон присутните новинари додаде дека за причините јавноста ќе биде дополнително известена. Откако ја напушти седницата, заменик претседателот Сељим Адеми беше затечен од одлуката и рече дека дознал во овој момент. Тој објасни дека во отсуство на претседател, тој како заменик е задолжен да ја води седница, па даде пауза од половина час.

Павлина Црвенковска беше изгласана за претседателка на Судскиот совет на 28 април 2021 година. Таа беше едногласно избрана да го наследи Киро Здравев, кому мандатот му заврши ден претходно.

За избор на претседател потребни се осум гласа, а за Црвенковска „за“ гласаа сите 12 члена на Судскиот совет што беа присутни на седницата.

За член на Судскиот совет, Собранието ја избра Црвенковска во декември 2020 година. Од 2006 до 2020 таа работеше како судски советник во Скопска апелација. Претходно, беше советничка во кабинетот на Владо Бучковски, додека тој беше премиер во владата на СДСМ и на ДУИ (2004-2006 година), а исто така била и раководителка на одделение во Министерството за одбрана, додека Бучковски беше министер (2002 – 2004 година). Има искуство и како адвокатка и приправничка во Кривичниот суд.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button