ВЕСТИСВЕТ

(ВИДЕО) Мечка повреди пет лица на улица, министер тврди дека ја убиле, но никој не му верува

Словачкиот министер за животна средина, Томаш Тараба, објави дека мечката која пред десетина дена  повреди пет лица конечно е убиена. Сепак, опозициските политичари сметаат дека ловџиите застрелале погрешно животно и бараат објаснување, јавува Би-би-си.

На социјалните мрежи на 17 март се рашири видео од мечка што трча низ улиците на Липтовски Микулаш. Тараба рече дека мечката била пронајдена и убиена по 10 дена лов во кој биле користени дронови и биометриска технологија, а на Фејсбук им се заблагодарил на сите кои учествувале во ловот.

Опозициските политичари го повикаа Тараба да разјасни што се случило и ја обвинија владата дека користи трик пред претседателските избори на 6 април.

– Сигурен сум дека не е истата мечка. Тоа е прилично очигледно, рече Михал Визик, еколошки активист и член на Европскиот парламент од опозициската партија Прогресивна Словачка.

Тој додаде дека пукањето во мечка која не претставува закана е кршење на законите на Европската унија, како и на словачките закони. Министерството и Државната управа за заштита на природата претходно соопштија дека се трага по машка мечка тешка 80-100 килограми, а убиена е женка тешка 67,9 килограми и 152 сантиметри.

Случаен минувач нашол расфрлани документи на страната на патот, кои очигледно ги изгубиле членовите на ловечкото друштво. Во претходниот напад беа повредени пет лица, меѓу кои и едно десетгодишно девојче, а двајца од нив со рани и гребаници се пренесени во болница.

Некои членови на Владата се за олабавување на заштитата на дивите животни во ЕУ, со којашто се спречува ловот на мечки и волци. Министерството во соработка со Романија ќе побара од Европската унија да ги преквалификува мечките за да се дозволи нивно селективно убивање.

Подобрата заштита на животната средина во Централна и Источна Европа од 1989 година значи дека мечките се вратиле во нивните природни живеалишта низ Карпатите. Истражувачите, напротив, тврдат дека нема зголемување на популацијата на мечки во Словачка и дека нивниот број останува стабилен на околу 1.275 единки.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button