ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Власта го пролонгира рокот за легализација на дивоградбите

Преку измени во Законот за легализација на бесправно изградените објекти власта ќе го продолжува рокот за уште пет години за легализирање на дивоградбите. Новиот рок ќе важи за оние граѓани чии објекти се во процес на легализација, а се изградени заклучно со 3 март 2011 година. На тој начин општините ќе може да продолжат да постапуваат по незавршените предмети. Законските измени се во собраниска процедура.

„Има граѓани кои не успеале да соберат 50 евра за да направат елаборат и не успеале да ги легализираат нивните објекти, тоа е нивниот дом и сега немаат начин, остануваат дивоградби. Државата не треба да урива затоа што тоа е материјално добро и пред сè, на најсиромашните. Ако не го продолжиме законот, еве заглавен е, навистина никој нема придобивка од тоа“, рече премиерот Заев.

А, во собраниските лавиринти повеќе од година и пол е заглавен еден друг сосема нов Закон за дивоградби. Тој треба да овозможи легализација на бесправно изградените објекти, но доколку граѓаните платат во општините 50 насто повисока цена од моменталната за комуналии.

„Во однос на станбените згради, тоа што беше одреден недостаток во претходниот закон, како што појасни, сега решението во новиот закон е дека нема да може да се легализираат големи станбени единици, со цел да не се наруши целиот простор и урбаното живеење во државата“, рече Благој Бочварски министер за транспорт и врски.

Ваквиот потег на власта, според невладините граѓански организации е ново амнестирање на криминалот.

„Оние кои беа гласни во минатото како опозиција против овој закон сега бараат да важи уште 5 години! Што сакате да направите од оваа држава? Континуирана амнестија на криминал без крај. Градењето на диво е кривично дело со казна затвор од три до осум години“, наведуваат од Иницијатива „О2“.

Откако пред точно 10 години тогашната Влада на Груевски го донесе законот за легализација на дивоградбите, досега се легализирани над 260 илјади објекти.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button