ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Уставен по втор пат го укина мораториумот во Центар

Уставниот суд го укина мораториумот на Општина Центар. Со ова од денеска се активирани 31 Детален урбанистички план, донесени од претходната власт, а кои актуелната не ги ревидираше. Од денеска ќе може да се градат објектите во центарот на Скопје кои се по старите планови и имаат дозвола за градба.

Со укинувањето на мораториумот на Општина Центар, Уставен го оживеа и Деталниот урбанистички план за паркингот спроти „Холидеј ин“. Според актуелниот ДУП, тука може да се градат три згради од по 60 ката.

Инвеститорот до Општина Центар веќе го доставил идејното решение за новите згради кои ќе никнат на паркингот, но не побарал дозвола за градење. Од општината велат дека процедурата за издавање дозвола за градење е долга и најавуваат дека ќе продолжат со ревизијата на спорните детални урбанистички планови.

„Ние ќе ги искористиме сите законски можности што нѝ се во нашиот домен да продолжиме со ревидирање на ДУП-овите. Ќе се залагаме за параметрите да бидат усогласени со ГУП-овите и во новите Детални урбанистички планови“, рече Емил Лазаревски, портпарол на О. Центар.

Општина Центар за првпат во 2017 ги замрзна ДУП-овите и започна со нивно ревидирање. За 4 години успеале да усогласат само осум Детални урбанистички планови со Генералниот план на Град Скопје. Во меѓувреме Уставниот суд го укина мораториумот, но откако општината повторно го изгласа, го укина по втор пат.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button