РЕГИОН

Во Косово денеска е ден на жалост за Медлин Олбрајт

Претседателката на Косово, Вјоса Османи го прогласи денешниот ден (25 март) за ден на жалост по повод смртта на поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.

Од кабинетот на Османи вчера наведоа дека на ваков начин косовскиот народ ќе ѝ оддаде почит на „големата пријателка на Косово“, која ја имаше една од клучните улоги при донесувањето на одлуката на НАТО воено да интервенира против Србија во 1999 година.

„Во знак на државна почит, петок, 25 март 2022 година, се прогласува за ден на жалост во Република Косово, за сеќавање на големата пријателка на Косово, Медлин Олбрајт. Госпоѓа Олбрајт ја препозна болката на нашиот народ, затоа што и самата ја преживеала персекуцијата уште од детството, затоа застана цврсто против (српскиот лидер, Слободан) Милошевиќ до запирањето на неговиот геноцид во Косово. Го поддржуваше без престан Косово до последниот здив и затоа косовскиот народ ќе ја памети вечно“, пишуваше во вчерашното соопштение од кабинетот на Османи.

Медлин Олбрајт почина во средата на 23 март на 84-годишна возраст од рак. Таа на чело на Стејт департментот дојде како 64. државен секретар на САД, но и како прва жена на оваа функција. Важеше за врвен дипломат и централна фигура во администрацијата на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, служејќи прво како амбасадорка на САД во Обединетите нации, а потоа и како државна секретарка во периодот од 1996 до 2000 година.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button