ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Агелер: Уставните измени треба да се донесат до крајот на годината

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер потсети на ставот на сенаторот Крис Марфи, кој пред два дена од Скопје порача уставните измени да се усвојат, а во спротивно неизгласувањето би претставувало загрижувачки чекор во односите меѓу Северна Македонија и САД. Агелер истакна дека не би ја коментирала изјавата на Марфи, но сепак додаде:

„Неговата поента беше многу важна – дека ако тешките одлуки кои ќе овозможат придвижување кон евроатлантската интеграција не бидат донесени до крајот на оваа година, тогаш сигурно ќе постојат лица во САД, во Белата куќа, но и нашите законодавци, кои ќе се прашуваат дали земјата има цврста заложба за евроатлантска интеграција“, рече Агелер.

Во меѓувреме, кон дипломатската офанзива за промена на Уставот се приклучи и холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп. Тој во интервју за „Радио Слободна Европа“ повика да се искористи моментот и да не се одолговлекува евроинтеграцијата, со бесмилени најави дека би можело да има нов договор меѓу Скопје и Брисел.

„Некои луѓе од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе преговараат за подобар договор. Тоа се бесмислици. Нема подобар договор од овој. Овој е апсолутно најдобриот договор што Северна Македонија можеше да го добие. Според мене, ова што се случува е тоа што ВМРО-ДПМНЕ ризикува да биде одложено членството во ЕУ за најмалку за три, четири години и мислам дека тоа не е добар начин на однесување и може да биде разочарувачки, ако тоа се случи“, рече Дирк Јан Коп – амбасадор на Холандија.

Евроинтеграцијата на земјава ќе биде една од темите на кои ќе разговараат премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Вчера премиерот го повика лидерот на опозицијата на средба на која двајцата, покрај за евроинтеграцијата, би разговарале и за односите со соседните држави. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека Мицкоски е подготвен за средба во било кое време ако се разговара за националните интереси, но додадоа дека ќе треба да се дискутира и за периодот што ќе следува по, како што истакнаа, неуспехот на процесот на уставни измени. Денеска, амбасадорката Агелер рече дека дијалогот е најдобро решение за решавање на крупните прашања што претстојат и очекува дискусијата да биде плодна. Инаку, според најавата, средбата Ковачевски-Мицкоски би се остварила во наредните десетина дена.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button