ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Опозицискиот фронт ги спојува Беса, Алтернатива и Огнените?

Првиот човек на БЕСА, Билал Касами, вели дека со потпишувањето на договорот за соработка со Алтернатива е направен првиот чекор за создавање опозициски фронт пред парламентарните избори. Касами најави дека набрзо може да се направи таков чекор со Огнената група, а најави вклучување во оваа група и на незадоволни во Алијанса на Албанците и организации кои произлегоа од конфликтот во 2001 година.

„Во многу блиски разговори сме со експоненти на таканаречената Огнена група. Цениме дека по неодамнешните одлуки на раководството на ДУИ за отстранување на главните бунтовнички експоненти од ДУИ, ова е можност да се официјализира соработката и со оваа група, но во исто време имаме блиска комуникација со незадоволните од Алијанса за Алабнците, кои во ниту еден момент не можат да прифатат да бидат на заеднички листи со ДУИ. Така, неодамнешните изјави на првиот човек на Алијанса за Албанците за можна коалиција со ДУИ, веќе ги додадоа гласовите на незадоволните во оваа политичка партија кои бараат да седнеме и да изградиме заедничка опозициска кауза. Разговараме и со здруженија на поранешни војници и припадници на цивилниот сектор, но ова е првиот чекор а во наредните денови ќе продолжиме со изградбата на овој замок“, рече Билал Касами- претседател на Движењето БЕСА.

И Алтернатива на Африм Гаши ги повика интелектуалците кои се против криминалот и корупцијата да се приклучат на опозицискиот фронт.

„И покрај тоа што сме политичка партија, во овој опозициски фронт ќе бидат добредојдени сите оние кои се гледаат себеси на оваа страна, без разлика дали се тоа партии, невладини организации, јавни личности итн. Доволно е јавно да се изјаснат дека се против корупцијата на ДУИ и за унапредување на животот на Албанците кај нас. Следствено, ова важи и за огнената група, со која исто така имаме комуникација и посакуваме што поскоро да се огради од субјектот што ги трауматизираше и расели Албанците во овие последни 20 години“, наведуваат од Алтернатива.

Невзат Бејта од Огнената група вели дека и покрај тоа што на оваа тема не е разговарано, не е исклучена ваквата можност за соработка.

„Се што е во интерес на членството и гласачите. Ќе им се придружиме на оние кои ги штитат интересите на гласачите и нашето општество. Нормално во демократските процеси, не е забрането да се разговара со претставници на други политички партии. Ние сме фракција и имаме право да разговараме со сите претставници на политичките партии кои го сакаат доброто на Албанците во  Северна Македонија и на општеството“, рече Бејта.

Лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами, пред неколку дена ја обелодени идејата за создавање опозициски фронт, чија цел, според него, би била уривање на Владата.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button