ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Бизнисмените не се изненадени од рецесијата

Бизнис заедницата не е изненадена од лошите резултати на домашната економија. Рецесијата беше неизбежна со оглед на кризата која ја имаме предизвикана од Ковид-19, сметаат бизнисмените. Тие очекуваат и потежок период со поголем пад на Бруто-домашниот производ од оној што го очекува Владата. Потребни се конкретни чекори, вели универзитетскиот професор Горан Рафајловски, а приоритет да биде и сузбивањето на сивата економија.

„Правата и приоритетна работа задача на Владата, доколку сака да ѝ помогне на бизнис заедницата е да ја реши сивата економија која за жал веќе 40 проценти зафаќа од вкупните економски движења…“, рече Рафајловски.

Закрепнување на економијата би можеле да очекуваме по првата половина од следната година, но дотогаш од стопанските комори бараат Владата да презема мерки за помош на стопанството.

„Малите и средни претпријатија, претежно од производствениот, услужниот и туристичкиот сектор се меѓу најпогодените, но подеднакво се во лоша состојба и останатите сектори. Состојбата на пазарот на труд се влошува, а тоа дополнително ќе ги усложни состојбите. Без конкретни финансиски и добро таргетирани мерки следи повторно тежок период“, наведуваат од Сојузот на стопански комори.

Падот од минус 3,3 отсто на БДП за третиот квартал и официјалниот влез на државата во рецесија е економско фијаско на оваа Влада, реагираа од ВМРО- ДПМНЕ. Според опозицијата, државата го достигнала дното во сите сегменти. Владата сепак, останува на својата проекција дека годината ќе ја завршиме со пад од минус 4,4 проценти на БДП, а проекциите на НБРМ се полоши, па очекуваат вкупен пад од -4,9 отсто.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button