ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Боки 13 доби 9 години затвор и го исфрлија од судница

Казна од девет години затвор доби Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Тој е обвиент за перење пари и измама на бизнисмените Ардијан Амзоски и Силјан Мицевски од кој според обвинението, земал речиси еден милион евра. Кривичниот суд, на Јасна Ерцеговиќ ѝ пресуди четири години затвор, а според обвинението, парите од проектите за старечките домови завршиле во сега згаснатата „1ТВ“. Поранешната пратеничка Фросина Ременски е ослободена од обвинение, бидејќи немало доволно докази за нејзиното влијание врз бизнисмените. Христина Блажевска од Меѓународниот сојуз доби една година, додека таткото на Боки 13, Миле Јовановски доби условна казна.

„Во однос на обвинетата Форсина, од исказите на овие сведоци, произлезе дека била присутна на состаноците. Но, ниту од нејзините искази, ниту од изведените материјални докази, не произлезе кој точно совети и упатства ги давала на обвинетиот Бојан Јовановски за да го изврши кривичното дело измама“, рече Софче Ефремова Гаврилова, судија.

Додека судијата го читаше образложението на пресудата, Боки 13 ѝ дофрлаше од место:

„…по интервенцијата на Зоран Заев, дофрли Јовановски.

– Без зборување!, реагираше судијката.

„…. и по негова интервенција за да ги лапнат парите“…, продолжи Јовановски.

– Тишина Бојан! Судот го прекинува обвинетиот Бојан Јовановски –

„Мене ќе ме судиш девет години. Најголемата хиена! Слуга на Зоран Заев! Оваа пресуда е доказ!“, викаше Јовановски.

– Да излезе од судиница!

– Доказ дека си слуга на Зоран Заев! Но, Господ казнува, не казнуваш ти!“, велеше Јовановски.

Од пресудата беше револтиран и неговиот татко.

„….Значи Македонија нема правда, Македонија има, од дом, Заев, само пипците уште му се останати. Така што нека не чека македонската, албанската и сите други живеат во Македонија, нека не чекаат правда, правдата е умрена!“, рече обвинетиот Миле Јовановски.

„Оваа судска пресуда не се заснова ни еден милиметар на докази коишто беа изведени во текот на постапката, туку е несреќен компромис, помеѓу политика, а особено, повторувам, особено на личен анимозитет на судечкиот судија кон моите клиенти, особено кон обвинетиот Бојан Јовановски“, рече Сашко Дуковски, адвокат.

Ременски беше емотивна по ослободителната пресуда.

„Јас сум задоволна од денешнава одлука… Сакам да имате разбирање за денешнава моја состојба. секако да си ги средам јас малку емоциите од овој долг, измачувачки процес за мене…“, рече Фросина Ташевска Ременски, обвинета.

Обвинителството најавува дека за Ременски ќе ја обжали одлуката, а за другите казни, ќе размисли.

„За мене како обвинител којшто постапуваше, односно го застапуваше овој предмет во текот на судската постапка, навистина е нејасно како судот не утврдил кои се дејствијата на влијание, бидејќи тоа ѝ се ставаше на товар со обвинителниот акт на обвинетата. Го сторила делото за коешто се товареше…“, рече Ивана Трајчева, обвинителка.

Пресудата во Меѓунаредон сојуз е втора за Боки 13. Тој веќе е осуден на други девет години затвор во случајот „Рекет“, заедно со екс – шефицата на СЈО Катица Јанева за рекетирани 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button