ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бомгартнер: Проширувањето доживеа историско забрзување

Поддршката на земјите од Западен Балкан за Украина треба да биде ценета и вреднувана, велат дел од европските дипломати. Поради целосното усогласување со надворешната политика на Унијата, како што додаваат, Македонија се соочи со енергетски предизвици и има зголемен ризик од хибридни закани. Тие велат дека ЕУ го помага регионот во надминување на проблемите и затоа е потребен нов импулс во проширувањето.

„Во новиот меѓународен контекст целта за евроинтеграција на земјите од Западен Балкан е од важно стратешко значење. Ова помага да се објасни зошто прашањето за проширувањето доживеа историско забрзување за време на француското претседавање – со отворањето пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, а и со доделувањето кандидатски статус на БиХ. Ова движење не смее да запре“, рече Сирил Бомгартнер – амбасадор на Франција.

„Сега имаме поенергична политика на проширување на ЕУ, па затоа и Унијата и регионот треба да го искористат овој свеж потенцијал. Но, истовремено треба да разбереме дека времињата се променија и заложбата за зачленување треба да биде покажана на покредибилен начин“, рече Мартин Дворак – заменик министер за надворешни работи на Чешка.

Дел од амбасадорите повторно повикаа на обединетост на сите партии, бидејќи, како што велат, двотретинското мнозинство не е потребно само за промена на Уставот, туку и за многу други реформи кои се неопходни пред зачленување во Унијата.

„Нашата желба е сите политички субјекти да се обединат околу пристапните преговори и неопходните реформи, зашто ова е долгорочна цел, која ги надминува интересите и поените на поединечните партии и треба на ова да се работи без разлика каква е Владата“, рече Андреа Силвестри – амбасадор на Италија.

На Економскиот форум Делфи премиерот Димитар Ковачевски пак кажа дека не е прашање дали, туку кога Западен Балкан ќе стане дел од Унијата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button