ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарскиот премиер на 18 јануари во Скопје

Бугарската Влада ја потврди посетата на премиерот Кирил Петков на земјава за 18 јануари. Преку соопштение за јавноста, од кабинетот на Петков појаснија дека датумот се совпаѓа со 30 годишнината од признавањето на Македонија од страна на Бугарија. Премиерот ќе дојде во придружба на министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска и министерот за транспорт и врски, Николај Сабев. Петков нагласува дека треба да се промени разбирањето што значи за Македонија да преговара со ЕУ.

„Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република Северна Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Северна Македонија од овој процес.“

Од нашето МНР наведуваат дека на посетата се очекува да се сумираат досегашните резултати и постигнатиот напредок и да даде нов импулс на комуникацијата за да се надминат разликите.

„Фокусот на разговорите ќе биде доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжување на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите со Европската Унија.“

Во меѓувреме, во интервју за БГНЕС, поранешниот бугарски премиер Филип Димитров, посочи дека Скопје и Софија нема да изнајдат решение сè додека не разговараат како рамноправни страни.

„Проблеми и тензии не може да нема, но тие се решаваат со текот на времето, ако само еден, можеби посилниот, даде позитивни сигнали. Но, ако во поделено семејство некој удира со ногата и вика: Како не ме сакаш?! Како ме сакаше пред десет години!’ – Звучи прилично смешно, нели? Љубов и почит не се бараат на суд.“

Во пресрет на средбата меѓу Петков и нашиот очекуван следен премиер Димитар Ковачевски, од француската амбасада во Софија посочија дека официјален Париз е подготвен да се понуди како посредник за решавање на спорот. Франција претседава со Европската Унија во првите 6 месеци од годинава.

Adrian Kerimi

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button