ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово, со судбина како пругата кон Бугарија

Булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово, со судбина како пругата кон Бугарија

И понатаму се одолговлекува работата на булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово. Пред два месеци работите продолжија, со ветување дека сè ќе биде готово во септември, но на теренот не се гради ништо. Жителите се жалат дека патот е целосно уништен и со автомобилите не можат да стигнат ни до своите домови. Според нив, багерите со денови стојат во место.

„Таму ми е куќата, не можам да ја извадам колата од таму. Многу нè кочи, но немаме што да правиме. Таму некој багер некогаш работи, некогаш не работи. Сите продавници се затворени“, рече еден жител.

„Не годинава, не знам како почнаа вака, поминаа три месеци, отворен е само еден канал, пукнаа и чешмите, сите сме во неволја. Работниците доаѓаат и работат час, два и ништо повеќе. Нема ништо видливо, како што започнаа, ова сега требаше да биде готово. Не можеме да излеземе и да дојдеме до нашите куќи со возила. Ги оставаме таму долу. Ова е катастрофа за населението, но нема што да правиме“, рече друг жител.

Од општина Тетово тврдат дека причина за доцнењето била куќа на крајот од патот, чиј сопственик иако го загубил судењето, не се иселувал.

„Има случај каде општината ја заврши експропријацијата и предметот беше на суд и одлуката беше донесена. Странката сега мора да ја продолжи комуникацијата со основниот суд, додека работите, фирмата што го доби тендерот, работи на терен и се надеваме дека работите ќе завршат на крајот на овој месец. Секако дека да, ќе има одложувања, но се надеваме дека странката ќе ја разбере реалноста и ќе ги земе средствата за експропријација и ќе се пресели. Странката секогаш ќе ја има поддршката на општината со правна помош“, изјави Бесар Дурмиши, Општина Тетово.

Иако од општината велат дека судењето е завршено и странката го изгубила случајот, сопственикот на куќата го вели спротивното. Според него, за овој случај воопшто немало судење.

„Ние сме за да се изгради овој пат, но ни земаат 350 метри квадратни, ни останаа уште само 80 метри и бараме да ни дозволат да изградиме куќа овде, а патот нека излезе“, рече Ислам Рушити, Сопственик на куќата.

Проектот „Благоја Тоска“ се ветува две децении по ред. Пред две години, со средствата што ги издвои Владата од парите на ТАВ Македонија, претходната градоначалничка најавуваше изградба на булеварот, но ништо конкретно не беше преземено./Alsat.mk

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button