ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Чад и смрдеа од депонијата во Буково се шири до Охрид

Густиот чад и смрдеата кој со денови се шири од депонијата Буково, каде Охрид го носи сметот, го чуствуваат и охриѓани. Овде секојдневно се одлагаат и до 90 тони најразновиден смет. Екологистите со години алармираат дека загадениот воздух ги труе не само жителите на Охрид, туку дека Буково, која се наоѓа на патот помеѓу Охрид и Ресен е опасност и за Преспа, на чија страна се спуштиле отровните облаци.

„Најголема опасност претставуваат канцерогените гасови, пред се диоксините, како и цврстите честики со димензии помали од 10 микрони. Тие отровни гасови се формираат од согорување на пластични маси и обработено дрво, пред се стар мебел ,обоени и заштитени дрвни елементи. Отровните гасови не трујат речиси три години и ако продолжи оваа ситуација ќе стане алармантно бидејки овие гасови се наречени и тивки убијци“, рече Ѓоко Зороски, еколог.

Зороски апелира да се забрза процедурата и изгради регионалната депонијата во Новаци, битолско, а Буково да се затвори и да се изврши нејзина ремедијација. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков вели дека иако е воведена 24 часовна чуварска служба, не можат да се спречат сите илегални влегувања на луѓето кои собираат пластика или старо железо.

„Се закануваат на вработениот, доаѓаат во поголема бројка.Неможе тој тоа да го спречи сам. Кога ќе дознаат дека е пријавено во полиција се повлекуваат. Ја палат депонијата, за побрзо да излезе на површина железото и бакарот и така го продаваат. Значи човечки фактор е, ова не е друг проблем“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Пецаков вели дека во тек е формирање на регионално јавно претпријатие за изградба на регионалната станица за преработка на отпадот со грант Европската банка за обнова и развој. Но и за тоа да се случи, ќе помине доста време, а дотогаш охриѓани и туристите ќе го дишат чадот од депонијата.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button