ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Четири лица признаа дека незаконски издавале возачки дозволи без кандидатите да положат испит

Четворица обвинети дека биле дел од групата која издава лажни возачки дозволи веќе признале вина, информираат од Кривичниот суд. Судењето е во фаза на главна расправа, а во текот на расправата, која трае веќе неколку месеци, едно лице починало. Сега на обвинителна клупа останаа 31 обвинет.

На 3 – ти февруари годинава полицијата извести дека поднела кривични пријави против 36 лица за фалсификување на возачки дозволи, од кои петмина обвинети за злоупотреба на службената положба, а останатите за поттикнување во извршување на делото. Според МВР, службите во министерството издавале возачки дозволи, иако лицата немале положено возачки испит. Биле издадени 28 вакви дозволи. Обвинителството ја објасни шемата по која обвинетите функционирале.

„Во периодот од 26 ноември 2019 до 19 мај 2020 година поттикнати од останатите обвинети, пополнувале барања за издавање возачка дозвола во кои внесувале невистинити податоци, ги пуштале во процедура, вршеле одобрување и издавале возачки дозволи. На овој начин тие им овозможиле на подносителите да се стекнат со возачки дозволи од Б категорија, иако не ги исполнувале условите за тоа, односно немале положено возачки испит“, наведоа од Обвинителството.

А, денеска завршен збор дадоа и тројца обвинети во случајот „Двојник“ кој се однесува на издавањето лажни пасоши, 214 на број, главно на криминалци од регионот. Обвинителството побара осудителни пресуди, додека одбраната на обвинетите, побараа тие да бидат ослободени од вината. Во овој случај обвинети се 11 лица. Седуммина признаа вина, една обвинета поради здравствени причини, не доаѓаше на судења, но и таа најави дека ќе го признае делото. Пресудата за останатите тројца, Кривичен ќе ја соопшти на 11 – ти јуни.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button