ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ден на Европа, свечености во Скопје

Со положување свежо цвеќе пред споменикот на „Ослободителите на Скопје“, но и обраќања, во кои преовладуваа евроинтегративниот процес на земјава и предизвиците од војната во Украина, беше одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Првиот човек на Сојузот на борците, Никола Стојановски рече дека народноослободителната борба е дел од државотворните процеси кои се стремат кон демократски и прогресивни цели.

„Нашето дело, идеите и активностите насочени се кон постојана цивилизациска антифашистичка будност. Актуелните негации не удираат на технократијата, туку на нашата победоносна борба и на нашата култура, сочувана и градена со таа борба“, рече Стојановски.

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека само со обединетост околу европските вредности Унијата може да се соочи со најновите предизвици.

„Да покажеме заеднички дека сме подготвени да го направиме историскиот исчекор и да започнеме со преговорите за проширување на ЕУ со земјите на Западен Балкан. Со новите граници, Европската Унија ќе стане уште поголем економски и политички играч на светската сцена…“, рече Ковачевски.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир Унијата не е целосна без земјите од регионот, додека американската амбасадорка Кејт Мери Брнз кажа дека Европа и САД имаат партнерство што гледа во иднината.

„Стратешки интерес е и на ЕУ и на регионот, процесот на пристапување да напредува сега. Во практика, ова значи итно отворање на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија“, порача Гир.

„Затоа сакаме да ја видиме Северна Македонија зачленета во Европската унија што поскоро. Вашето пристапување ќе придонесе за поголема стабилност на Балканот и поголем просперитет за Европа…“, рече Кејт Мери Брнз – амбасадорка на САД.

Претседателот Стево Пендаровски не беше присутен на настанот, а во својата честитка порача дека само со достоинство и со почитување на правото на самоопределување може да се зборува за обединета Европа.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button