ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дијаспората ќе гласа само за претседател, нема доволно пријави за изборите на пратеници

Вкупно 2954 наши иселеници се пријавиле за гласање во странство на претстојните претседателски и парламентарни избори 2024. Од вкупниот број пријави, според податоците од веб-страната на Државната изборна комисија од синоќа, прифатени се 2610, две се необработени, а одбиени 342. Оваа бројка би можела да се промени доколку Министерството за надворешни работи до ДИК најдоцна до 21 март, согласно Роковникот за избори, достави пријави од наши државјани поднесени во дипломатско-конзуларните претставништва. Сепак, извесно е дека гласање ќе се организира само за претседателските избори бидејќи нема доволен број пријавени за избор на пратеници.

Гласањето за претседател на 24 април и за втор круг на 8 мај, врз основа на прифатените пријави, треба да се организира во 24 земји. За да се организираат избори во некое од нашите дипломатски-конзуларни претставништва потребно е да се пријавени најмалку десет избирачи.

Најмногу прифатени барања за гласање има во Германија – 578, потоа во Словенија – 327, во САД – 241, во Швајцарија – 182, во Канада – 122, во Австрија – 116, во Италија – 101, во Австралија – 97, во Белгија – 91… Меѓу земјите каде што има најмалку пријавени е Кина каде има 12 наши државјани што сакаат да гласаат на изборите.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button